Овие 375 илјади гласови што ги освоив погласно говорат од мене. Ова за мене беше најинтересното политичко искуство во мојот живот. Не се чувствувам како поразена, туку како наградена за сето она што го сторив, изјави вечерва Гордана Сиљановска признавајќи го поразот и повикувајќи ја власта на неопходноста од предвремени парламентарни избори .

„Очигледно е дека власта изгуби многу од гласовите. Го изгуби легитимитетот. Оваа чудна конфигурација на нивните гласови само го актуелизираше прашањето за предвремени парламентарни избори. Резултатот зборува за делегитимирање на оваа власт. Наметната е потребата од разговори и преговори како да се оди напред. Но јас мислам дека сериозно треба да се размислува за предвремени парламентарни избори. Кога ќе ги споредите бројките, неминовно се гледа дека ситуацијата е радикално сменета за овие 2,5 години. Граѓаните на Република Македонија заслужуваат промени. Вистинската промена допрва доаѓа“, рече Сиљановска.

Победи противкандидатот, рече таа, но не мислам дека јас како поединец или како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја загубивме битката.

„Политиката има логика ако се перцепира како уметност на можното. Но не можам да кажам дека политиката во Македонија е уметност. Тука политиката е во рацете на партиите кои одлучуваат кај кого ќе одат гласовите, а не граѓаните. Ако го анализирате контигентот на гласовите на оние кои победија, прашање е дали ваквиот резултат води кон помирување и обединување или означува една поделба внатре во државата по повеќе основи. Интраетничка поделба и прашање е дали синтагмата заедно одиме напред навистина го ветува тоа. Поделбите не креираат амбиент за реформи. А реформите ни се насушна потреба. Победи партитократијата, а не демократијата. Јас до вчера зборував дека граѓаните имаат право на глас и дека нивниот глас одлучува. Но, резултатот тоа не го потврдува и тоа можам и научно да го докажам. Но, тоа е реалноста. Изгубена е една битка, но не сме поразени“, рече Сиљановска.