Странските експерти кои ги ангажираше Владата и сугерирале да издаде емисија на еврообврзници во износ од 250 милиони евра. Ваквата сугестија дошла откако Сити груп детално го истражила пазарот и интересот на неколку инвестициски банки, инвестициски фонда и друштва кои откупуваат пакети акции, односно портфолио инвеститори. Сити груп и гарантирал на владата дека има интерес за откуп на најмалку 250 милиони евра издадени во евробондови. Од нив се сугерирало 150 милиони евра да бидат наменети за првичната намена, рефинансирање на долгот кон Лондонскиот клуб на доверители, а 100 во развојни цели односно во финансирање на јавни работи. Ваквото стручно мислење и дошло прамбициозно на македонската Влада, која буквално се уплашила од ефектите од понудата на првата емисија, и се одлучила да оди со емитирање на еврообврзници од само 150 милиони евра.
И покрај тоа што Владата еуфорично го најави како успех откупот на 150-те милиони евра еврообврзници по крајно поволна камата од 4,625 насто, го премолча фактот, зашто се уплаши од поголема емисија. Посебно што тоа беше прилика да обезбеди квалитетни и доста евтини пари кои ќе ги пренасочи во развој. Имено, за домашните записи кои ги емитира државата Владата плаќа двојно повисоки камати, односно внатрешното финансирање преку хартии од вредност не чини многу поскапо отколку ова. Финансиските експерти во земјата велат дека не држи ниту оправдувањето дека така би можеле да се презадолжиме бидејќи според последниот кредитен рејтинг на “Фич”, надворешниот долг е релативно мал и со долг рок на доспевање, само 7 отсто од приливите на тековна сметка и далеку од 33 отсто што го дозволува средната оценка “ББ”.
Според вицепремиерот Минчо Јорданов, факт е дека се дискутирало за поголема сума, но се одлучиле за еден пилот проект од 150 милиони, а колку и како ќе биде понатаму ќе биде предмет на наредни политики што ќе ги води оваа или наредната влада. Владата ги разгледуваше сите можни опции и понуди, но се реши за оваа. Следните нови емисии на еврообврзници ќе бидат разгледувани и ќе бидат предмет на наредни одлуки на Владата. Тогаш ќе се расправа за сумата, за количините и за политиката каде ќе бидат применети, вели Јорданов.


Виолета ЦВЕТКОВСКА