Општина Центар е првата општина во Македонија која го воведе Географскиот информациски систем (ГИС) и од воведувањето, услугата е достапна и корисна за сите заинтересирани кои сакаат да се информираат за урбанистичкото планирање на општината.

ГИС порталот на Општина Центар ги содржи сите важечки детални урбанистички планови и овозможува графички преглед и пребарување на просторните податоци. Покрај деталните урбанистички планови, градежните и катастарските парцели, постои можност за пребарување по слоеви на градежни и катастарски парцели.

Во зависност од потребата, слоевите можат да се вклучуваат или исклучуваат. Со ГИС порталот се овозможува детален преглед на деталните урбанистички планови: намената на градежните парцели, површината за градење, катноста, процентот на изграденост, изработувачот на планот, годината на донесување, но и можност за нивно превземање во .dxf формат.

„Со примена на ГИС порталот се олеснува пристапот до податоци на граѓаните, а воедно се заштедува и времето потребно да се дојде до потребна информација со која располага оваа технологија. За поголема транспарентност пред граѓаните, општината работи на надградување на ГИС порталот со податоци за урбаната опрема: улично осветлување, канти, клупи, шахти и слично, со што ќе се овозможат поголеми и подобри услуги, подобрена и побрза комуникација со граѓаните, но и поголема ефикасност во работењето на службите на општината“, велат од Општината.

Подетални информации за регистрирање и користење на услугата има на веб-страницата на општината: centar.gov.mk.

извор: Makfax