Сите политички субјекти во Република Македонија треба своите активности да ги спроведуваат притоа водејќи сметка за пошироките интереси на државата, порача денеска американскиот амбасадор Пол Волерс.

– Нашата позиција е дека кризата, доколку може да се нарече криза, треба да биде надмината за доброто на државата. Сметам дека политичките лидери, како во Владата така и на опозицијата, треба да работат заеднички за доброто на иднината на земјата, на Република Македонија, а не само за своите политички интереси. Сметаме дека политичката ситуација може да се надмине, но за тоа е потребно да се седне и да се разговара, заеднички од сите субјекти, изјави амбасадорот на САД.

За тоа дали опозицијата треба да се врати на изборите, Волерс рече дека не би сакал да навлегува во поединости за тоа како да се надминат недоразбирањата.

– Останува на политичките субјети да го направат тоа, но би повторил дека водилка за сите би требало да бидат интересите на државата и доколку тоа го имаат како императив, ќе биде возможно да се надмине ситуацијата, додаде Волерс.

Американскиот амбасадор денеска престојуваше во посета на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, каде одржа предавање пред студентите за претприемништвото, како и можностите за студентска размена и нивно усовршување во САД.