“Сите наши песни” и сезонава ќе трага по таленти низ Македонија. За потребите на музичкото шоу на 31 месецов и на 1 следниот ќе се одржат аудиции во студиото на Македонската радио-телевизија каде ќе се направи селекција на најталентираните пријавени вокали. Право на учество имаат сите заинтересирани кандидати кои се постари од 16 години, а апликацијата за учество можат да ја преземат од интернетската страницата на МРТ каде што се наоѓаат сите потребни информации за проектот. Пријавата можат да ја испратат по електронски пат најдоцна до недела на адресата [email protected].

Проектот на МРТ за заштита и афирмација на македонската музика ќе продолжи со веќе познатиот концепт за избор на таленти. Шоуто започнува со натпревар на талентирани учесници од два града, а на тој принцип ќе се опфатат сите градови во Македонија. Потоа следува елиминација и пласман во четврт финале, полуфинале и на крајот – финалето. Селектирањето и избирањето на најталентираните кандидати ќе го спроведува стручна жири-комисија составена од познати музички имиња.

Првата сезона на музичкото шоу Сите наши песни” само дополнително го потврди нашиот став дека во Македонија има вистински талентирани музички вокали. Затоа одлучивме повторно да им дадеме шанса и можност за афирмација на оние кои се истакнуваат по своите музички квалитети и вокални способности. Очекуваме како и првиот, така и овој пат, да се пријават млади и надежни музички имиња кои со наша, но и со помош на публиката ќе прераснат во вистински естрадни ѕвездии, велат од забавната редакција на МРТ.
(А. Ѓ.)