Сите аптеки ќе можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување. Оваа предлог-уредба беше усвоена на денешната владина седница, со што, како што е објаснето од Министерството за здравство, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации коишто можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет.

„Целта е надминување на проблемот со недостигот на лекови, поради можноста што ќе им се даде на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор“, велат од Владата.

Оттука додаваат дека истовремено целта е и да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, коишто ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно.

Владата на денешната седница ја усвои и Предлог програмата за изменување и дополнување на Програмата за потребите на специјалистички и субспецијалистички кадри, согласно мрежата на здравствени установи, со што, како што истакнуваат од владината прес-служба, се зголемува бројот на одобрени специјализации во државата. Истовремено денеска беше усвоена информацијата за изградбата и финансирањето на новиот Клинички центар, лоциран во Ѓорче Петров.

извор: Makfax