Сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем изјави дека неговата земја ќе побара руски војници да се борат заедно со сириските доколку се покаже потреба за тоа, но демантираше дека сега во Сирија има руски борбени единици, пренесоа британските медиуми.

-Не се водат заеднички борби во кои учествуваат и руски војници, но доколку решиме дека има потреба од такво нешто, ние ќе го проучиме и ова прашање и ќе упатиме барање, изјави тој за сириската државна телевизија.

Муалем во Дамаск разговараше со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Стафан де Мистура, информира агенцијата САНА, цитирана од ТАСС.

-Дамаск ќе се запознае со идеите за надминување на кризата, предложени од пратеникот на ОН, за да се постави во однос на неговата мировна иницијатива, рече сирискиот шеф на дипломатијата.

Тој посочи дека за сириското раководство е важно да продолжат консултациите со Де Мистура.
Пратеникот на ОН предвидува создавање работни групи за подготовка на меѓународната конференција Женева-3.

Дамаск треба да даде списокот со свои учесници, кои ќе преговараат со претставниците на трите опозициски групи – Националната коалиција на опозициски и револуционерни сили, со седиште во Истанбул, групата “Каирска конференција” и делегацијата на внатрешната опозиција.

Експертите својата работа во Женева ќе ја почнат на почетокот на октомври.

Инаку, САД се подготвени за „тактички дискусии” со Русија во врска со Сирија, изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.

Тој нагласи дека не постои воено решение за сириската криза, додавајќи дека администрацијата на американскиот претседател Барак Обама ја поздравува соработката од руска страна за смирување на ситуацијата во регионот.

– САД остануваат отворени за тактички, практични дискусии со Русија за борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), истакна Ернест.

Путин го поддржува Асад, но…

Околу 2.500 Руси и 7.000 граѓани на други земји од Заедницата на независни држави (ЗНД) учествуваат во вооружени судири во Сирија на страната на терористичката организација Исламска држава. Тоа го изјави Елена Сутормина, претседател на Комисијата за развој на јавната дипломатија при Руската федерација, јави ТАСС.

Сутормина истакна дека во претходно соопштените податоци од Националниот антитерористички Комитет, дека во Сирија на старата на џихадистите се борат околу 800 до 1.500 руски државјани, од кои 170 загинале, се за 2014 година.

– Луѓето кои врбуваат борци за ИД се насочуват поконкретно кон далечни села и области, каде што младите немаат перспектива, додаде Сутормина.

ИД е забранета во Русија како терористичка организација.