Портпаролката на Сириза, Олга Геровасили ги повика Грците уште еднаш да и дадат на партијата силен мандат на претстојните избори на 20 септември.

– Силен мандат на влада на Сириза за да се спаси земјата од тешката ситуација во која ја доведоа 40 години лоши политики, изјави Геровасили за едно грчко радио.

Таа истакна дека Сириза нема да соработува со Нова демократија поради тоа што двете партии се различни и идеолошки, и политички, додавајќи дека Сириза “не носи исти оптоварувања”.

– Ние имаме други цели, додаде таа.

Лидерот на Сириза Алексис Ципрас вчера од Крит ја почна неговата предизборна кампања на национално ниво.

Лутиот ривал на Сириза, Нова демократија, е партијата која го поддржува единството меѓу Грците, изјави нејзиниот лидер Вангелис Меимаракис во својот говор на затворен стадион во градот Патрас, во рамките на изборната кампања.

– Нова Демократија е политичка моќ која му служи на единството на Грците, затоа што некои други сакаат да не поделат со својата реторика и говор, рече лидерот на најголемата грчка опозициска партија, додавајќи дека “НД е европска, патриотска, социјална и прогресивна сила”.

Меимаракис го обвини лидерот на Сириза, Алексис Ципрас дека шири лаги истакнувајќи дека “никогаш претходно еден премиер нема направено толку многу лоши работи за толку кусо време, и никогаш претходно немало политичар кој кажал толку многу лаги како Алексис Ципрас”.

– Нова демократија ќе ја врати насмевката на луѓето, рече Меимаракис, обвинувајќи ја Сириза дека ги направила Грците меланхолични.

Лидерот на грчката партија Потами, пак, Ставрос Теодоракис, ги повика Грците да ги отфрлат главните кандидати во изборната битка, Сириза и Нова демократија, велејќи дека е “стара бајка” да се верува дека една од овие партии може да ја спаси Грција.

– Грција не сака да се врати во минатото на Ципрас, или во минатото на Меимаракис, изјави Теодоракис на предизборната средба со граѓани во Солун на која одговараше и на новинарски прашања.

Лидерот на Потами, исто така го обвини Ципрас дека е “неверојатно бесрамен” што бара од гласачите апсолутно мнозинство “кое ќе му даде можност да донесе нови лоши одлуки”.