Хасан ал Контар (34), бегалец од Сирија, два месеца живее на аеродром во Куала Лумпур. Тој избегал од својата земја одбивајќи да учествува во војната.

Во последното видео што го објави на Твитер вели: „Пред некој ден зборував со мајка ми. Ми рече дека ми пораснала косата и дека брадата ми е предолга, што доликува на состојбата во која што се наоѓам. Се обидов да ја убедам дека сè е во ред, но не успеав. Се плашам дека брадата и косата ќе ми го прекријат лицето пред да си заминам од тука“.

По занимање маркетинг менаџер, ал Контар преживува со храна што му ја дава персоналот на аеродромот.

Тој првпат емигрирал во Обединетите Арапски Емирати во 2006 година. Кога почнала војната во 2011 година, одбил да се врати дома и да војува за својата земја. Неговата реакција ги натерала сириските власти да не му го обноват пасошот, што значи дека останал без работа и без виза во ОАЕ.

Шест години се криел додека властите не го нашле и го депортирале во Малезија каде што имал дозвола да остане три месеца. Од таму тргнал кон Еквадор, но го запреле на аеродром и не му било дозволено ниту да се врати во Малезија ниту да го продолжи патувањето.

На Твитер секојдневно објавува видеа, а неговата приказна стигнала до Обединетите нации кои ќе се обидат да преговараат со малезиските власти и да му помогнат.

извор: Makfax