Препукувањата Јакимовски-Муратовски околу европската, односно африканската опција на најновиот работнички закон, денес ќе се обиде да ги испегла премиерот Бучковски. Тој со ресорните министри во 10 часот ќе дојде на гости кај првите синдикалци, со цел да обезбеди во “пет до дванаесет” поддршка на новиот закон за работни односи, кои утре, во завршна форма, ќе се најде пред Влада на посебна седница. За Законот вчера се договорија одговорниот министер Стевчо Јакимовски и “газдите”, односно Организацијата на работодавачи. Затоа пак, од трилатералниот договор и изостана Синдикатот, наводно поради непримерно свикување на состанокот на Економско-социјалниот совет. Случајно или не, ваквиот одговор дојде откако министерот Јакимовски не дојде на трибината на ССМ за работа на црно, по што Муратовски изјави дека Владата подготвува африкански закон. “Овој закон е усогласен со европските директиви и јас сум сигурен дека европските директиви не се од 19 век. Законот има некаде околу 40 новини кои што, гарантирам, дека не ги намалуваат, туку ги зголемуваат правата на работниците, се допрецизираат во делот на работното време и во одредени ситуации при отказите на работниците. Ниту едно право на работен однос, особено околу надоместоците не се ускратува, вели Јакомовски. Во таа насока го посочи породилното боледување што и во новиот закон останува 9 месеци, со право мајките да дојат дете и по овој рок, па дури и да имаат право во текот на денот двапати по еден час да отсуствуваат заради доење на детето до максимум 12 месеци. Новина е и што прашањето на боледувањето на товар на работодавачот од 60 дена е намалено на 21 ден. Ова, рече Јакимовски, “задира” во Буџетот, што значи дека и државата е подготвена да преземе одредени консеквенци. Наспроти заедничкиот став на власта и работодавците дека новото законско решение нуди зголемени, а не намалени работнички права, Синдикатот е на мислење дека законот содржи нејасни, непрецизни и противречни одредби, поради што ќе има проблеми во толкувањето на Законот во практика. Синдикалците сметаат дека не постои обврска, ниту гаранција за задолжителна исплата на плата на работникот, како ни на надоместоците и додатоците, дека многу лесно под одредени услови на работодавците им се дава можност да им дадат откази на работниците, што го сметаат за класична уцена. Од ССМ сметаат дека со решенијата на овој закон длабоко се навлегува во автономноста на синдикалното организирање, како и дека се суспендира уставното право на штрајк.


Светлана БЛАЖЕВСКА