Синдикалниот лидер Ванчо Муратовски со неговиот тим излегоа задоволни од вчерашните преговори кај првиот човек во ресорот – труд и социјала, министерот Стевчо Јакимовски. Муратовски успеал да го убеди Јакимовски и во текстот на новиот закон за работни односи да ја протне одредбата, според која, правата на работниците од работен однос да се уредуваат со закон и колективни договори. Во последната верзија од текстот на новиот закон, можноста работничките права да бидат регулирани со колективните договори, беше со факултативно значење. Разговорите што Синдикатот ги имаше со Владата, резултираа со нешто конкретно, изјави по преговорите синдикалниот портпарол, Пеце Груевски. “Нашата забелешка да се одвои работниот однос на определено и непределено време е прифатена и со тоа работниците добиваат поинаква позиција. Значи, работниот однос и натаму ќе се склучува на неопределено време, како што е предвидено со стариот закон за работни односи, а определеното вработување да има факултативно значење и да се применува само во исклучителни случаи кога тоа го бара природата на работата”, вели Груевски. Првата рунда директни, тет а тет преговори, како што дознаваме, минале експресно и на мерење биле ставени една третина од членовите на законот. За повеќето од 78-те поминати членови “пеглањето” минало “мазно”, но како што вели Груевски, остануваат доста отворени прашања, меѓу кои и целата содржина на членот кој ги регулира договорите за вработување, работното време, висината на платата, утврдување на надоместоци, начини на исплатување на платата и другите надоместоци, траење на годишен одмор и право на учество во распределба на добивка. И покрај задоволството од “избоксуваното”во преговорите, Синдикатот веќе започнал да се подготвува за штрајкови и протести. Но, како што велат оттаму, ќе ги нема траат преговорите, а ќе бидат организирани ако ССМ е незадоволен по одредени решенија и во оној момент кога ќе оценат дека е најпогоден за притисок врз власта.


Светлана БЛАЖЕВСКА