Синдикатот никако да се реформира
Синдикалното движење во земјава во изминативе 15 години транзиција не само што ја пропушти шансата да биде промотор за поголеми права на работниците, туку е и бледа копија на едно одамна изминато време, сметаат социолозите. Според нив, најбројниот и најстар синдикат – Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) треба да се реформира, а на новиот – Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) му треба време за поуспешно да се бори за работничките права. Милева Ѓуревска, професор по социологија на Филозофскиот факултет во Скопје смета дека работниците во земјава не се доволно запознаени со своите права и дека е потребна кампања за нивно информирање. – ССМ е стар синдикат и има развиена инфраструктура, потенцијал и традиција. Но, му фали подмладување и свртување кон работниците. Конфедерацијата на слободни синдикати е млад синдикат, немаат некоја поголема поддршка и потребно им е време за поуспешно да се борат за работничките права – вели Ѓуровска. Најавите за реформа на Сојузот на синдикатите се топ тема на сите конгреси за избор на синдикален лидер и завршуваат веднаш по изборот. Дојчин Цветановски, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) вели дека ССМ е комунистички, владин и нереформиран синдикат. – Тоа е оценка и на светската и европската конфедерација на синдикати. Швајцарската синдикална конфедерација, која пред две години спроведуваше програма за едукација, како и Американската синдикална федерација, избегаа и ја прекинаа соработката со ССМ бидејќи констатираа дека тоа не е синдикат. Во извештаите на Американскиот стејт департмент за 2004 и 2005 година децидно стои дека ССМ е тесно поврзан и соработува со власта и дека не ги штити правата на работниците во земјава – нагласува Цветановски. Од ССМ пак велат дека реформата на синдикатот е направена уште во првиот мандат на претседателот на Сојузот на синдикатите, Ванчо Муратовски. – Реформата е спроведена по сите модели на европските синдикати. Останува суштинска реформа да направат гранковите синдикати и основните синдикални организации во претпријатијата. Потребно е да се смени начинот на размислување и свеста на членството за тоа како треба да се бори за своите работнички права – вели портпаролот на ССМ, Пеце Груевски. Мирјана Најчевска, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека Владата го подмитува ССМ со тоа што му префрла пари за едукативни проекти. – Според Законот за работни односи, работодавачот не смее да им дава никакви средства на синдикатите. А во случајов, работодавач на администрацијата е Владата. Пари за едукативни проекти може да добијат невладини организации, здруженија и фондации, но не и синдикати. И покрај поднесениот приговор и тужба на Хелсиншкиот комитет, ССМ ќе добие од Владата два милиони евра од буџетот – потенцира Најчевска. Во ССМ велат дека секаде во светот владите ги финансираат синдикатите и дека и овие средства што ги добиле се премалку за да ги реализираат проектите.
Андреја Серафимовски