Социјалниот партнер на Владата – Сојузот на синдикатите на Македонија му прости на министерот за труд и социјална политика Стевчо Јакимовски за неговата изјава дадена деновиве дека работниците во државава се “заштитени како мечките во планина”. Со цел да се надминат недоразбирањата во врска со оваа негова изјава, Јакимовски вчера пред членовите на Советот на ССМ се правдал дека зборовите му биле извадени од контекст и ако некој се навредил, тој им се извинува, бидејќи намерата не му била таква. Јакимовски уште еднаш повторил дека заложбите му се да се направи модерен европски закон за работни односи кој ќе соодветствува со сегашната економско-социјална состојба во државата. На состанокот, како што истакна портпаролот на ССМ, Пеце Груевски, заеднички биле прокоментирани некои барања на работодавачите, како што е скратувањето на породилното боледување и барањето за отказ без образложение, кои биле оценети како нереални и апсурдни. Притоа, Јакимовски го обзнанил предлогот на Владата што веќе го објави “Вечер”, дека се размислува породилното отсуство да остане девет месеци или со одредена модификација (6 плус 6) што значи шест месеци платено и исто толку неплатено боледување, но никако негово намалување. Јакимовски изјавил дека ваквиот начин на подготовка на законот – транспарентно и со слух за мислењата и ставовите на социјалните партнери дава шанса да се добие европски закон прилагоден на нашите услови. Министерот Јакимовски ги негирал гласините дека веќе постои некаква работна верзија на Законот. Првичен текст на Законот се очекува по одржувањето на првата работна средба на работните групи на Владата, синдикатот и коморите што е закажана за во вторник. Синдикатот своите предлози за овој закон ќе ги достави до Министерството за труд најдоцна до петок. ССМ очекува донесување на закон со кој нема да се кршат работничките права, а ако нивните предлози не бидат прифаќани, односно бидат надгласувани, се размислува и за дополнителни притисоци не исклучувајќи и организирање на генерален штрајк. Токму во насока на тоа е најавата за организирање кампања за анимирање на членството и јавноста. (С. Бл.)