Утре ќе почнат преговорите на работните групи на трите партнери – Владата, синдикатот и коморите за дефинитивното “кроење” на работничките права што ќе ги “ужива” македонскиот работник во наредниот период. Трите партнери имаат еден месец да го понудат новото законско решение, кое во почетокот на идниот месец треба да влезе во владина процедура. Работодавците преку двете комори јасно порачаа дека, според нив, работниците кај нас имале многу поголеми права од нивните колеги во централно-источните земји и затоа се потребни драстични кратења. Синдикатот пак, во контраофанзива: во последниве десет години во државава има тренд на постојано намалување на правата на работниците, а аранжманите во ММФ и Светската банка секогаш завршуваат на штета на работниците. Од друга страна, законодавецот пак, преку изјавите на ресорниот министер за труд и социјална политика, Стевчо Јакимовски најпрво прејудицираше во која насока ќе одат “новите решенија”, за потоа да ретерира и да ја истакне заложбата трите партнери заеднички да направат модерен европски закон, кој ќе соодветствува со економско-социјална состојба во државата. Сојузот на стопанските комори иницира наместо вработување на неопределено време, да се институционализира пар-тајм вработување (по можност неограничен број пати во годината), како и пробна работа од три месеци за нововработените. Работодавците предлагаат исплата на бруто-плата од која вработениот сам ќе ги плаќа давачките кон државата, укинување на превозот и хранарината, на К-15, а ако биде покренат штрајк, периодот на неработењето да им го подмири Синдикатот. На лицата кои ќе бидат прогласени технолошки вишок, тие наместо отпремнини, повеќе би сакале да им следува школување и доквалификација. Работодавците сугерираат боледувањето на работникот фирмата да му го плаќа само за два дена, како и скратување на породилното отсуство. Синдикатот најави дека нема лесно да пројдат ваквите контроверзни предлози и дека ќе бидат искористени сите синдикални мерки и средства да не се дозволи работникот да се најде на маргините на општеството. Оттаму посочуваат дека во земјите кон кои тежнееме можеби не постои К-15 (ставка што Владата не ја стави во Буџетот), но има 13-та или божиќна плата…. ССМ ќе предложи санкции за работодавачите ако не исплатат последователно најмалку две плати или ако одбијат да склучат колективен договор. Во насока на зголемување на продуктивноста и створање услови за нови вработувања, е и предлогот за 35-часовна работна недела.