Истрагата траеше речиси девет години и заврши со обвинение од 2.300 страници во кое е опишано како германски „Сименс” во втората половина на 90-тите години дал 70 милиони евра за поткуп на грчки официјални претставници за да ја добие работата на модернизација на грчката фиксна телефонија.

На судењето треба да се појават 19 извршни директори на „Сименс”, за кои грчките истражители тврдат дека се вклучени во коруптивни дејства.

Меѓу осомничените за корупција е и извршен директор на „Сименс” во Грција со двојно државјанство, Михалис Христофоракос. Тој веројатно нема да се појави на судењето, бидејќи уште во 2009 година побегна во Германија, а германските власти одбија да предадат.

Грчкото обвинителство пролетоска почна постапка и против „Дајмлер”. Германскиот автомобилски гигант е осомничен дека нелегално го склучил договорот за набавка на воени возила вреден 100 милиони евра. Обвинети се седум претставници на „Дајмлер” дека дале нелегални провизии во висина од 2 милиони евра. Обвинителството тврди дека парите отишле на оф-шор сметка. Владата на САД ѝ помогна на Грција во процесот на следење на нелегалните финансиски трансакции.

Германската компанија за производство на воена опрема „Рајнметал” веќе е казнета со 37 милиони евра за давање мито за продажба на опрема вредна 150 милиони евра за грчката воздушна одбрана.