Сивата економија е најзастапена во индустријата, услужните дејности, туризмот и градежништвото, а процентот околу 30 отсто од БДП, кој е намален за 10 отсто во однос на состојбата пред седум години. Инспекциските надзори се и ќе бидат интензивирани. Тоа, беше истакнато на вчерашната прес-конференција на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и на министерот за економија Ваљон Сараќини, кои информираа за мерките и активностите за сузбивање на сивата економија кои се дел од акцискиот план за намалување на сивата економија за 2013 година.

-Сивата економија е намалена во изминатите години пред се со реформата на даночниот систем преку воведувањето на рамниот данок и на системот на социјално осигурување со намалување на висината на придонесите, со воведувањето бруто-плата, регулаторната гилотина кои го намалија мотивот за избегнување на даноците и придонесите и за работа во сивата зона. Според анализата направена од Министерството за економија во којашто беа вклучени голем број експерти, сивата економија изнесува 25 до 30 проценти од БДП. Покрај тоа што најчеста асоцијација за сивата економија се ситните улични трговци анализата на Владата покажува дека структурата на сивата економија е најприсутна во секторот на индустријата. Таа има директно негативно влијание врз главните економски индикатори и параметри, а со тоа директно влијае на планирањето и регулирањето на макроекономски политики. Ние ќе работиме да ја намалиме сивата економија, рече Сараќини.

Тој напомена дека целта е обезбедување на лојална конкуренција за сите компании и еднакви услови на пазарот како и намалување на бројот на лица кои работат како непријавени, а се водат официјално како невработени.

Засилување на инспекциските надзори во повеќе сегменти, унапредување на законската регулатива, како олеснување на вработувањето сезонски работници, објавување црна листа на фирми кои работат неправилно, откривање даночни обврзници кои вршат нерегистрирана дејност, мерки и санкции за олеснување на преминот од неформалниот во формалниот сектор, се само дел од активностите што ќе ги преземе државата за да продолжи да ја намалува сивата економија.
-Активностите на МТСП се однесуваат на вработувањето, како развој на пакети на мерки кои опфаќаат институционални, превентивни мерки и санкции за поттикнување и олеснување на преминот од неформалниот во формалниот сектор, финансиска поддршка за постојни бизниси на евидентирани невработени лица кои имаат искуство во дејноста, односно формализација на постојни бизниси, рече Ристовски и додаде дека инспекциските надзори за откривање непријавени работници ќе продолжат. За тоа говори фактот дека во изминатите четири години тој број е четирикратно намален, ако во 2009 годишно биле затекнати 3.274 работници, во 2012 биле 829.

Министерот Сараќини рече дека со мерките кои се предвидени во акцискиот план планираат да ги засилат инспекциските надзори во секторите каде сметаат дека е присутна сивата економија и напомена дека само во 2012 година за дури 60% е зголемен бројот на инспекциски надзор од државниот пазарен инспекторат.
-Доколку во 2011 сме имале околу 28 илјади инспекциски надзори, во 2012 се направени 40 илјади надзори, рече Сараќини. (С.Р.)