Повеќе од 4,3 милиони луѓе во светот се заразени со коронавирус во светот минатата недела, објави СЗО. Тој број е апсолутно најголем од почетокот на пандемијата.

Според глобалните организации, вкупно 4.329.927 нови случаи со коронавирус и 75.038 смртни случаи се регистрирани ширум светот помеѓу 7 и 13 декември. Претходно, најголемите бројки за периодот од 7 дена беа регистрирани од 16 до 22 ноември – вкупно 4.060.891 случај.

СЗО вели дека Америка и Европа го носат товарот на пандемијата, со 85 проценти нови случаи и 86 проценти мртви. Сепак, ширењето на инфекцијата се интензивираше и во Африка, додека во Југоисточна Азија бројот на новоинфицирани постојано се намалува.

Помеѓу 7 и 13 декември, над 2 милиони нови случаи се регистрирани во Северна и Јужна Америка, а 29 000 починале како последица на ковид, пренесува Тасс.

Во Југоисточна Азија има над 290 000 случаи и околу 4,400 смртни случаи. Во изминатата недела, бројот на случаи во САД се зголеми за повеќе од 1,4 милиони, во Бразил за повеќе од 302 илјади, во Турција за повеќе од 219 илјади, во Индија за околу 212 илјади, во Русија за околу 193 илјади и во Германија за околу 149 илјади .

Инфекцијата брзо се шири и во Велика Британија – над 124 илјади нови случаи, во Италија повеќе од 115 илјади, во Франција за околу 82 илјади. Голем број на новоинфицирани лица се забележани и во Украина – над 80 илјади, во Мексико повеќе од 72 илјади и во Полска околу 72 илјади.

Целиот свет, кој е под влијание на вирусот Ковид-19, очекува дека ќе се намали пандемијата кога ќе започне вакцинацијата. Велика Британија и Канада веќе започнаа со имунизација на населението и скоро сите земји кои успеаја и имаат пари за тоа, порачаа барем еден вид вакцина против вирусот.

Сепак, најновите податоци на СЗО за бројот на ново заразени лица во светот се обесхрабрувачки. СЗО веќе долго време вели дека ова е само дел од заштитата и дека сите други мерки што се донесени мора да останат во сила.

извор: Makfax