Сите лица кои имале контакт со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се тестираат и се преземаат сите неопходни мерки, велат од опозициската партија преку соопштение.

Мицкоски е негативен на коронавирусот, но ќе биде во самоизолација во следните 14 дена, поради контактот во интервјуто со уредникот од „Канал 5“, Гоце Михајлоски, кој е позитивен на Ковид-19.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оддаваат огромна почит за сите медиумски работници, кои во овие тешки денови се во 24 часовна готовност за навремено да не информираат за состојбите со коронавирусот, кај нас и во светот.

„Медиумските работници се хероите кои го одржуваат системот во функција. Му посакуваме на новинарот кај кого е дијагностициран коронавирус брзо закрепнување. На другите новинари им посакуваме добро здравје“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

извор: Makfax