Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски изјави дека системската дезинсекција е превентивна противепидемиска мерка за спречување на појава на заразни болести согласно утврдениот план и програма на општината за 2015 година.

– Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и препораките на Министерството за здравство, а врз основа на одлуката на Советот на општина Новаци на територијата на нашата општина се спроведува превентивна системска дезинсекција како против епидемиска мерка која се реализира во две фази. Активностите ги спроведува ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола а трошоците ги сноси Министерството за здравство, посочи Котевски.

Дезинсекцијата се спроведува од земја со апаратура од УЛВ ладно запрашување поставена на пикап возило, на кое ќе му претходи друго возило означено со ротационо светло. Со оваа превентивна мерка ќе бидат опфатени зелените површини во општината, подрачјата по течението на река Црна, подрачјата околу каналскиот систем, локалитетите со застојани водени површини, урбани населби и локалитети предвидени според планот и програмата.

Со реализација на дезинсекцијата се обезбедува ефикасно сузбивање на комарците, безбедност за луѓето и животните и висока еколошка одговорност на заедницата, информираат од општина Новаци.