Францускиот претседател Емануел Макрон денес треба да воведе карантин на национално ниво (локдаун) за да се спречи ширењето на коронавирусот, објавија француските медиуми.

Тие исто така додаваат дека затворањето најверојатно ќе трае четири недели.

Објавата се очекува по рекордниот број на заразени во земјата што доведе до притисок врз болниците, а бројот на смртни случаи исто така е зголемен.

Макрон треба сè да објави вечерва во телевизиско обраќање до нацијата, а во текот на денот треба да одржи состанок со министрите во владата.

Премиерот Жан Кастекс денес се среќава со лидерите на синдикатите и опозициските партии за да ги оправда построгите мерки.

Во големи делови на Франција, вклучително и Париз, е воведен полициски час, но властите велат дека тој не е доволен за да се запре вирусот.

Бројни француски лекари повикаа на целосно заклучување и рекоа дека 58 проценти од креветите за интензивна нега се зафатени.

„Владата не зеде предвид каков беше првиот бран и тие не научија доволно од него“, рече Фредерик Валету, претседател на Француската болничка федерација. Тој повика на заклучување во траење од еден месец, додавајќи дека вториот бран во болничките системи ќе биде уште попоразителен од првиот и дека болниците нема да преживеат без драстични мерки.

извор: Makfax