Одложено е утрешното рочиште за предметот „ТНТ“, во кој обвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бидејќи тој се наоѓа во самоизолација откако бил во контакт со заразено лице со Ковид-19, соопшти Кривичниот суд.

„ Заради интерес на медиуми и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 57/17 од обвинителството означен како „Т.Н.Т.“, Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека до судот е доставено известување од обвинетиот М.Ј., според кое истиот со решение на Здравствените власти е задолжен со домашна изолација заради контакт со заразен од вирусот КОВИД – 19.

Заради тоа утрешната расправа за предметот „Т.Н.Т.„ се одлага, а следното продолжение на расправата е насрочено на 4.11.2020 година во 10:00 часот за што веќе се известени странките во постапката“ се вели во соопштението од судот.

Јанакиески денеска не се појави ниту на судењето за предметот „Траекторија“. Случајот „Траекторија“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Во оваа афера обвинети се Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на Ј.П. „Државни патишта“ Љупчо Георгиевски, како и против поранешниот премиер Никола Груевски.

Јанакиески е обвинет и во „Талир“, „Титаник“, „Топлик“, „Шпански скали“, а е првостепено осуден за „Шамарите во Центар“. Од обвинителството велат дека и покрај тоа што Јанакиески е во самоизолација, во ниту еден од предметите за скоро време не му застарува делото по кое тој е обвинет.

извор: Makfax