Девизните резерви на Македонија надминаа една милијарда долари. Тоа е највисокото ниво на девизни резерви што земјава го достигна од своето осамостојување до денес. Тие првпат годинава пораснаа за над 70 милиони евра над договорениот таргет со Меѓународниот монетарен фонд. Ова го тврди првиот човек на Народната банка на Македонија, гувернерот Петар Гошев кој вели дека порастот на државните резерви ги надмина проекциите што нашава земја ги договори со монетарците од ММФ.
Во моментов девизните резерви достигнаа износ од 1.070 милиони долари или 930 милиони евра, а она што е особено забележително, е што тие од декември лани континуирано растат за разлика од другите години, кога во одделни периоди нивото се намалувало.
Ако девизните резерви продолжат да растат со ова темпо, а особено ако се остварат планираните приватизации на Телеком и на Електростопанството на Македонија, од НБРМ велат дека ќе се создаде реално поголем простор за драстичен пад на каматните стапки, кој би се почувствувал веќе во првата половина од идната година. Намалувањето на цената на овие хартии од вредност неминовно ќе повлече и намалување на каматните стапки на кредитите што банките ги пласираат на граѓаните и стопанството, а кои во моментов се наоѓаат на највисоко ниво во однос на земјите во регионот. Перманентниот пораст и високото ниво на девизните резерви, според очекувањата на Централната банка, ќе има силно влијание врз каматните стапки кои веќе почнаа да се намалуваат. На последната аукција на благајничките записи каматата се спушти на 8,5 отсто или за само еден месец откако НБРМ воведе нови правила на игра со тргувањето со овие хартии од вредност каматата падна за цели 1,5 проценти.
Македонија со своето резервно богатство во 1992 година стартуваше со само 63 милиони долари, за само три години резервите на злато и девизи да ги зголеми речиси шестпати, односно на крајот на 1995 година тие веќе достигнаа ниво од околу 360 милиони американски долари.
Според официјалните податоци на Народната банка на Македонија за десетте години наназад, државата и Централната банка на име девизни резерви на страна тргнаа дури 616 милиони долари, притоа редовно сервисирајќи ги долговите кон странските кредитори и одржувајќи ја стабилноста на домашната валута. Единствен пад на нивото на девизните резерви е забележан во 1998 година, кога тие во однос на 1995 година се намалија за 22 милиони долари и во 2002 година по воената криза, кога за само една година тие се намалија за 41 милион долари, за потоа секоја година до денес да растат во континуитет. Две години по војната, државата и Централната банка успеаја девизните резрви да ги зголемат за дури 128 милиони долари.
Ваквиот пораст годинава, од Централната банка го толкуваат со подобрите економски резултати како и со чекорите што на полето на монетарната политика ги направи НБРМ. Дефицитот на тековната сметка ќе биде за 50 насто подобар годинава, а трговскиот дефицит е помал за 20 милиони евра за само десет месеци од 2005 година, велат од врвот на монетарната власт во земјава.





































Година во милиони долари
1992 63,7
1995 354,7
1998 332
1999 480
2000 714
2001 775
2002 734
2003 903
2004 985
2005 1,070


Весна М. БОЖИНОВСКА