Во Централениот регистар се подготвува детална листа на која ќе се најдат од 15 до 20 илјади македонски фирми, што во предвидените законски рокови не доставиле завршна пресметка за нивното ланско работење или пак го поднеле по утврдениот рок. Според Наќе Стојановски, директор на Централниот регистар, на списокот, без пардон ќе се најдат сите правни лица без разлика дали се работи за трговец поединц или за мали, средни или големи акционерски друштва, кои според Законот за трговски друштва не ја реализирале својата обврска. -Пред законот сите компании се исти и прекршочни пријави ќе има и за фирмите и нивните одговорни лица. Нема да бидат поштедени ниту компании со звучни имиња – вели Стојановски. Тој не крие дека меѓу овие компании се наоѓа и мобилниот оператор Мобимак, но и Телеком од каде Централниот депозитар бил известен дека ќе доцнат со доставувањето на ревидираните финансиски извештаи и завршната пресметка за ланското работење поради истрагата за корупциски скандал, што се води во Маѓар телеком. Тој извештај има влијание на финансиските податоци на Мобимак и Македонски телекомуникации, кои пак се компании – ќерки на унгарскиот телеком. – И покрај тоа, Централниот регистар е должен до Судот да поднесе прекршочна пријава против компанијата и одговорното лице – вели Стојановски. Според Законот за трговски друштва, предвидено е годишна пресметка и ревидирани финансиски извештаи да достават трговци-поединци до 15 март , а останатите трговски друштва до 30 јуни. Стојановски вели дека листата на проблематичните фирми треба да биде готова до почетокот на септември, кога и судовите по летната ферија официјално ќе почнат со работа.


Валентина МАРЈАНОВИЌ