Удрив во автомобилот што беше пред мене и тогаш налетаа други возила. Излегов од автомобилот и се обидов да побегнам, но беше толку лизгаво што паднав на патот. Низ маглата видов дека доаѓаат уште возила, а возачите не беа свесни за хаосот пред нив. Едвај станав и со трчање ја прерипав банкината. Среќен сум што останав жив. Ова е приказната на жител на Тетово, еден од учесниците во стравотниот верижен судир што се случи вчера утро на обиколницата кај Волково.

Уништени и искршени возила, активирани воздушни перничиња, стакло од прозорци и ветробрански стакла и делови расфрлани и до стотина метри оддалеченост е глетката која ја затекнавме на автопатот кај обиколницата кај Волково. Дваесетина возачи и патници во автомобилите стоеја крај автопатот, сите со мобилни телефони во рацете информирајќи ги најблиските дека се живи и здрави.

– Не знам како се случи сообраќајкава. Не возев брзо, но маглата беше густа, па не се гледаше далеку. Само видов неколку автомобили пред мене и почнав да кочам. Лизгаво беше, воопшто немав контрола над возилото. Удрив во ѕидот, а потоа во едно црвено возило. Тогаш удрија во мене. Кој, не знам. Не знаев дали да излезам или да останам. Мислев дека нема да преживеам. Автомобили летаа крај мене и се забиваа како на филм, раскажува нашиот соговорник, жител на Скопје.

И останатите возачи се со слична приказна. Никој немал време да реагира поради маглата, а влажниот коловоз го сторил своето. Сите се чудат како минале само со гребаници и модринки.

– Јас сум меѓу последните што налетав, мој е синиот “пасат”. Не знам кој ја предизвикал, чув дека некоја жена застанала на патот, автомобилот излизгал, а таа во паника притиснала на кочницата и застанала. Останатите само налетувале еден на друг, вели еден од возачите.

Неофицијалните информации ја потврдуваат приказната на возачот дека скопјанка која била во автомобилот со нејзиното малолетно дете, на момент ја загубила контролата над автомобилот и нагло закочила без да го притисне квачилото. Моторот запрел и таа застанала на средната лента на автопатот и само неколку моменти подоцна веќе почнал верижниот судир.

Од МВР велат дека сообраќајната незгода се случила околу 8 часот и во неа учествувале 19 возила. Девет лица биле повредени и префрлени во Ургентниот центар и во Градската болница, но сите, за среќа, биле со полесни повреди. Оттаму не ја потврдија информацијата за причината за верижниот судир

– Примивме пет пациенти. Четворица веднаш беа пуштени на домашно лекување, а еден е задржан на опсервација, но неговата состојба е стабилна и тој нема никакви посериозни повреди, изјави Реџеп Селмани, директор на Ургентниот центар.

Полицискиот увид траеше неколку часа, а сообраќајот на таа делница беше запрен. (О.Ч.)