Се е допуштено!
Дел од модните критичари тврдат дека добро облечена жена е таа која успева да го изгради својот препознатлив стил. Другите препорачуваат дека таквото модно однесување води кон повторување и здодевност. Некои велат дека најдобар стил на облекување е ако на себе ставате парчиња креирани од познати дизајнери. На сето ова обичните смртници одмавнуваат со рака, бидејќи добро облечена жена во нивните очи има од се по малку. Во таа волшебна формула мора да има од се по малку: и личен стил, разиграна креативност, но и детали какви што советуваат професионалците. Притоа за општ впечаток воопшто не се важни парите. Жените кои знаат како добро да се облечат ја откриваат својата тајна: понекогаш како жена од милион денари може да изгледате и кога ќе потрошите одвај неколку илјади. Но, таков совет не значи скитање по распродажбите, иако и тие се интересен извор на посебна гардероба. Понекогаш зачудува комбинацијата што може да се пронајде во сопствениот орман. Се е допуштено! Чипката се носи со твид, џинсот со најфина свила или крзно, спортски панталони и безброј џебови… Но, во сета оваа “лудост” треба да се внимава и на невозможните парчиња, материјали и бои кои сепак не можете да ги комбинирате во единствена композиција. При ова најважно е да се остане доследен до крај. Ако ве интересира модната лудост, ако знаете да ја креирати и да ја носите, тоа значи дека во тој стил мораат да бидат и деталите – посебно чевлите и торбичките. Но, подеднакво добро ќе функционираат и модно смирените комбинации. Неочекуваните парчиња на накит, свилени марами, вратоврски, шапки… можат да бидат прв дел од необичната модна сложувалка.