Обвинителствто побара притвор за едниот од двајцата крадци кои ограбиле две трафики и четири аптеки низ Скопје. За вториот, Обвинителството достави предлог за определување на мерка – куќен притвор.

Според деталите што ги објави Обвинителството, двајцата крадци со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена, одзеле 23.000 денари од киоск во Скопје. Притоа, едниот осомничен чувал стража, а другиот употребил метален пиштол – запалка за да и се закани на вработената. По извршеното разбојништво и двајцата избегале во непознат правец.

На 30 ноември, на истиот начин се обиделе да извршат разбојништво во аптека, но оштетената вработена во аптеката одбила да им ги даде парите, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 7 декември, осомничените, маскирани и употребувајќи сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена одзеле 13.000 денари од киоск и повторно избегале.

На 10 декември, двајцата осомничени извршиле разбојништво во аптека и одзеле 8.665 денари во различни апоени.

Два дена подоцна, лицата се обиделе да ограбат колонијал, повторно заканувајќи се со металниот пиштол – запалка. Вработената на која и ги побарале парите одбила да ги даде, а од под каса извадила дрвена палка, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 17 декември, извршиле разбојништво во аптека, од каде одзеле 14.200 денари со намера противправно да ги присвојат.

извор: Makfax