Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27-годишен скопјанец, осомничен дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.

Од Обвинителството информираат дека осомничениот, на 14 декември во својот дом во Влае, неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана и ја чувал заради натамошна продажба.

При претрес на домот и други простории, овластени службени лица пронашле две тегли со наркотична дрога – марихуана во вкупна количина од 28,66 грама и две дигитални ваги со остатоци од психотропни супстанции кои влегуваат во состав на растението Cannabis, информираат од Обвинителството.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, со цел негово обезбедување во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор.

извор: Makfax