Надлежниот јавен обвинител до судот ќе достави предлог за определување на мерка притвор, за учесниците во кримината група која изразботувала и продавала огнено оружје.

Основното јавно обвинителство сооопшти дека е поведена постапка против девет лица за сторено кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Осомничените во текот на октомври минатата година ја создале криминалната група, која на територијата на државата неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје и муниција во поголемо количество. Дел од осомничените од засега непознато место набавувале потребна количина на пиштоли за светлосна и звучна сигнализација. Набавеното оружје во работилница во сопственост на еден од осомничените со употреба на пригоден алат било неовластено изработувано во огнено оружје-пиштоли.

„Ова оружје може да се употребува за нанесување на тешки повреди со смртни последици. По изработката на пиштолите, дел од осомничените пронаоѓале заинтересирани лица во земјата и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра“, велат од Обвинителството.

Претходно МВР соопшти дека групата била составена од лица од Скопје, Тетово и од Куманово, а по наредба на судија биле извршени претреси на 13 локации за време на акцијата.

извор: Makfax