x

Сејдини: Приоритет за добивање на билети за ЕП ќе имаат медицинските лица кои се во првите борбени редови до Ковид-19

sejdini
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, истакна дека по денешната седница на Управниот одбор, е донесена одлука приоритет за набавка на билети за ЕП да имаат медицинските лица кои во моментов се во првите борбени редови со Ковид-19. Тој истакна надеж дека медицинските лица ќе ги заменат белите униформи со навивачки дресови и реквизити, и дека ќе дадат поддршка на нашата репрезентација на натпреварите кои се играат во Букурешт и во Амстердам.
 “Иако во моментот се уште нема конечна одлука од УЕФА за бројот на влезниците за натпреварите од ЕУРО 2020 бидејќи здравствената ситуација може да наложи и да нема присуство на гледачи на стадионите (најнепосакувано сценарио за сите нас), сепак има надеж дека публика ќе има и секоја федерација ќе добие дел од влезниците за натпреварите на Европското првенство.
Затоа одлучивме како награда, доколку ситуацијата со пандемијата се стави под контрола, како резултат за натчовечките напори и заложби кои секојдненво ги прават за заштита на нашето здравје во изминатиот период, а очигледно и во периодот што следува, приоритет за добивање на билети за следење на настапите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство да имаат сите медицински лица кои се во првите редови во борбата против Ковид – 19 (доктори, сестри, технички персонал).
Јасно ми е дека ова е премалку, но чуствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас.
Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности.
Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандерите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе ги постигнат на Европското првенство”
Останете во добро здравје, чувајте се и бидете солидарни и со другите околу вас.
Заеднички и во одлично расположение да го дочекаме Европското првенство и да се радуваме заедно со нашите момци.“, рече Сејдини.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата