Во утрешното женско финале во ракометниот Куп на Македонија во Куманово (15.30) ќе играат екипите на Кометал Ѓ. Петров и Еуростандард. Тие во полуфиналето, што се одигра во Скопје, ги совладаа своите противници ТК Бренд од Прилеп со 39:20, односно Кале од Кичево – 28:21. Така, во борбата за пехарот на РФМ и за излез во Европа во КПК, ќе има “сестринско финале”. Тоа и се очекуваше со оглед на квалитетите на двете скопски екипи. Во првиот натпревар, Кометал Ѓ Петров настапи без Озел, Боева, Партенко…, бидејќи тренерот Андреј Портној ги штедеше за претстојното финале во ЛШ со данскиот Слагелсе. Ѓорчепетровки со исклучок на почетокот на средбата, кога “тутунарките” поведоа со 1:3 и 2:4, немаа проблеми и лесно стигнаа до убедлива победа. Овојпат шанса добија црномурестата Конгоанка Охоланга, Мечевска и Златановска, кои не настапуваат за првата постава и ја искористија. Особено Охоланга, која беше стрелец на осум погодоци. Прилепчанките во своите редови ја имаа искусната Ристеска, која 11-пати стрелаше во противничката мрежа. Второто полуфинале меѓу Кале од Кичево и Еуростандард беше многу повозбудливо, иако мина во доминација на “банкарките”, кои славеа со 28:21, но и покрај постојаното водство, во финишот на средбата имаше и искри. Заради три исклучувања по две минути црвени картони добија Коцевска и Црвенковска, а откако Бајрамовска удри противничка ракометарка на неколку секунди пред крајот на средбата, беше дисквалификувана. Синоќа во Куманово се играа и натпреварите од Купот на Македонија за мажи, а во полуфиналето се сретнаа Металург – ВВ Тиквеш и Пелистер К – Вардар. Машкот финале е утре во Куманово од 17,15 ч. (В.П.)