АМЕРИКАНСКАТА ТЕНИСЕРКА ОТКРИ ШТО МИСЛИ ЗА СВЕТСКИОТ РЕКЕТ БРОЈ ЕДЕН

Американската тенисерка Серена Вилијамс неделава испиша нови страници во историјата на аристократскиот спорт, откако стана најстарата тенисерка која се искачила на првото место на ВТА-листата. Помалата од сестрите Вилијамс од првото место ја сима Белорусинката Викторија Азаренка и на 31 година го собори рекордот на Крист Еверт, која беше на врвот на листата на најдобрите тенисерки неколку дена пред својот 31. роденден. Сепак, 15-тата гренслем шампионка искачувањето на врвот не го круниса со титула и во финалето во Дубаи, загуби токму од Азаренка.

Меѓутоа, поразот не беше причина да ја загуби смислата за хумор кога одговараше на прашањата по доделување на пехарите.

На прашањето што мисли за машкиот тенис, односно за светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, Серена одговори:
– Да не сте и вие Србин, што предизвика насмевка кај останатите новинари, а потоа даде конкретен одговор.

-Ѓоковиќ е фантастичен. Тој е како животно, навистина се што прави на теренот е перфектно изведено, оцени Американката, која веднаш потоа одговори и на прашањето кои квалитети на Новак ги посакува.
-Неговата подготвеност, фитнесот. Секогаш е максимално подготвен и не се заморува. Навистина е голем шампион, но доколку би можела да бидам барем приближно физички подготвена како него, ќе можам да играм тенис уште многу години, додаде Вилијамс.

Новак сезонава е фаворит за освојување на сите четири гренслем турнири, откако минатиот месец на Австралија опен ја освои својата трета последователна титула.