Комисијата за жалби за лиценцирање им ги прифати жалбите на финалистите на Купот на Македонија Маџари С. од Скопје и Башкими од Куманово и им издаде сертификат за настап во УЕФА натпреварувањата за сезоната 2005/06 година. Во штурото соопшение лиферувано до медиумите и на веб-страницата на ФФМ пишува дека одлуката на Комисијата е донесена врз основа на дополнително доставената документација на наведените клубови. И ништо немаше да биде чудно, ако оваа одлука не е донесена по пробивањето на сите временски рокови, но и по бурните реакции на претставниците на Башкими и Маџари С. на петочното Здружение на прволигашите. Уште почудно е што се калкулираше со одлуката по жалбите и наместо на 30 април, Комисијата се состана на 9 мај откако беа одиграни реванш полуфиналните средби и беа познати учесниците во Купот на Македонија. За напредокот во Куманово, веројатно, се заслужни зборовите на претседателот на Башкими, Алиу: “Не сакам да се заканувам, но ако жалбата ни се одбие ќе побараме ревизија од УЕФА …”. “Ѕидарите”, пак, можеби ретроактивно ги пријавија фудбалерите како вработени за 2004 година (еден од условите што не го исполнуваа) откако сопственикот Мирковиќ на повисок тон му се обрати на раководството на ФФМ да им се “прогледа низ прсти”, затоа што не е во можност да фалсификува документи. Сериозните регулативи на уште посериозната УЕФА кај нас се претворија во фарса. Лиценците за евро-настап почнаа да се делат калкулантски, под притисок, со закани и “плачење”. Никој не може да го потцени успехот на Башкими и Маџари С. и да им го одземеме правото да настапат во Европа. Но, вака се ризикува ФФМ да ја загуби улогата на лиценцор и таа функција да му се даде на некој наш сосед, затоа што не сме способни да работиме според нормите на УЕФА.,


Сашко ДИМОВСКИ