На 14 километри од главниот град, над 100 куќи во село Кучково во пикот на пандемијата се снабдуваат со вода од селската чешма. Револтирани, жителите се собраа на сред село за да алармираат за состојбата во која се наоѓаат, објави ТВ 21

Проблемот е стар две децении, но имало привремени решенија од време на време. Откако се појави Ковид-19, во февруари, тие немаат воопшто вода. Ситуацијата се влошува уште повеќе поради тоа што чешмата каде што мештаните полнат вода содржи ешерихија коли, бактерија која ги напаѓа дигестивните органи кај луѓето. Незадоволни од месната заедница, жителите се организирале сами. До општина Ѓорче Петров испратиле два записника од Советот кој го формирале, но не добиле одговор.

И во рамките на месната заедница има незадоволство поради недостигот на водата. Претседателот на месната заедница добил ветување од општина Ѓорче Петров дека водоводната мрежа ќе биде обезбедена кога ќе почне изградбата на Клиничкиот центар. Но, жителите велат дека тоа не е точно.

А, од општина Ѓорче Петров без решение. Велат дека жителите на ова село ќе бидат во ваква ситуација до крајот на годината.

Жителите бараат да имаат водоводна мрежа пред изградбата на патот, но градоначалникот рече дека тоа е невозможно бидејќи средствата се обезбедени од проекти на ЕУ, а од таму не доделуваат средства за водовод.

Заминавме од Кучково, но повозрасните продолжија да носат кофи со вода која како што велат е бактеролошки неисправна и тоа во пикот на високите температури и коронавирус.

Извор: ТВ21