Започнаа 52 Струшки вечери на поезијата

Струга од вчера во знакот на поезијата

Од вчера во поетска Струга, со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на годинашниот лауреат, мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко, и традиционалното читање на песната “Т’га за југ” пред Домот на поезијата се одржуваат 52 Струшки вечери на поезијата.

Според директорот Мите Стефоски годинава Струшките вечери имаат лауреат, кој доаѓа од една голема литература, една од многуте поезии на шпански јазик. Еден од најчитаните, најпознатите и највлијателните мексикански поети, вграден во светската поезија како значајно име, со својата поезија и творештво.

Стефоски потенцира дека доаѓањето на 74-годишниот Пачеко во Струга за да ја прими наградата е голема чест за Фестивалот.
– Имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на Пачеко, најголемо признание за нас е што дојде лично да ја прими наградата, изјави Стефоски.
Говорејќи за неговата поетика, посочи дека неговото творештво е исклучително посебно и поинакво е заради тоа што понекогаш ги заобиколува сите тие текови кои биле присутни во литературата, во одредени периоди ја зафаќале и мексиканската книжевност.
– Знае да ги заобиколи да биде свој и кога била во мода неавангардната поетика или сосема некој друг приод и да направи своја автентична поетика која само навидум може да личи дека била зад едноставниот стил исчистен од пренакитеност на таков јазик и стил. Се крие една длабока поезија која во себе го проникнува она што претставува мислење и она што претставува сензуалност. Тоа е неговата одлика и во мексиканската и светската книжевност.

Лауреатот Печеко посочи дека наградата не ја смета како лична, туку како награда за мексиканската и за латиноамериканската книжевност, како и за текстовите кои ги напишал.
– Чувствувам благодарност, изненадување и зачуденост затоа што никогаш не сум се чувствувал како интернационален, рече добитникот на Златниот венец” за 2013.
Престижната награда ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање Мостови”, а поетскиот портрет на лауреатот ќе се одржи ден претходно, во црквата Света Софија” во Охрид.

Фестивалот ќе се одржува во Домот на поезијата во Струга до 25 август, а следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија. Во рамки на фестивалот во петок ќе биде објавен и добитникот на наградата Браќа Миладиновци” за 2013 година, која СВП ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу два фестивала.
На фестивалската програма се предвидени промоција на книги од едицијата Плејади”, изложби, симпозиуми на тема Поезијата – војна и мир меѓу јазиците” и традиционалната Ноќ без интерпункција.

Покрај од Македонија, на 52. СВП ќе учествуваат околу 50 истакнати поети од Бугарија, Грција, Англија, Германија, Египет, Индија, Јапонија, Израел,Кина, Русија, Полска, Шпанија, Куба…

Општина Струга ја бојкотира поетската манифестација

Струшкиот градоначалник Зијадин Села навреден што обраќањата нема да бидат и на албански јазик реши да ја бојкотира најголемата поетска манифестација. Според него, во градот-домаќин на настанот 60 отсто биле Албанци, па според тоа, покрај македонскиот и англискиот требало да се слушне и албанскиот јазик. За ваквото, според него, непочитување на Законот за употреба на јазиците, виновно било раководството на СВП и директорот Мите Стефоски. Најави дека ќе бара одговорност, но и се закани дека ќе го спречи одржувањето на манифестацијата од следната година доколку не му биде прифатен предлогот.
– Побарав водењето на манифестацијата покрај на македонски и англиски да биде и на албански, но барањето ми беше одбиено со образложение дека преносот ќе оди на првиот канал на МТВ. Не знам што е спорно на една манифестација на која се зборуваат на многу јазици, не гледам причина зошто да не се употребува и албанскиот, рече Села, кој смета дека со тоа ја обединувал Струга.
(О.С)