Коалицијата „Сега е време“ меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата, одржа митинг во село Форино во Гостивар. Носителот на шестата изборна единица, исто така претседател на Алијанса за Албанците, Зиадин Села на почетокот на својот говор, објаснувајќи делови на изборната програма, се фокусираше на ограничување на коцкањето и рече дека во првите сто дена по доаѓањето на власт ќе донесат закон со што казина ќе има во хотели со пет ѕвезди.

Тој понатаму рече дека оваа коалиција не бара мандат да го затемни животот на Албанците, туку Албанците да станат слободни и достоинствени, домаќини во својот дом. Села вети дека ако оваа коалиција победи на изборите, ниту еден Албанец нема да биде загрозен заради неговата партиска припадност. Села исто така истакна дека идејата на ДУИ за албански премиер е обид за камуфлажа на дискриминација и угнетување на Албанците.

„Не можам да разберам, како сега тие можат да побараат Албанец да биде премиер? Тие се на власт 18 години и ја добија поддршката и гласовите на Албанците. Како до сега не ја остварија оваа идеја и што навистина бараат сега “, рече Села, додавајќи дека доаѓа времето на промена, со што рече, по 15 јули, Али Ахмети ќе биде слободен, затоа што досега некогаш беше заробен од страна на ВМРО, а некогаш и од СДСМ.

Барајќи поддршка на овие избори, Села истакна дека Албанците треба да гласаат за албанските кандидати, а не за списоците што се дел од, како што рече, каков било договор за коалиција што и служи на другата страна.

Шефот на изборниот штаб и генералниот секретар на партијата Арбен Таравари исто така одржа говор на митингот, изразувајќи оптимизам за победа.

„Промената што ја започна Гостивар ќе продолжи со Липково и Струга. Претседателе, ви ветувам дека во Гостивар победата над ДУИ ќе биде два спрема еден“, рече Таравари.

На присутните им се обратија и кандидатите за пратеници: Газменд Абдија, Елхоме Мемеди, Афан Елези и Халил Снопче. Откривајќи делови од програмата, тие ветија дека ќе бидат вистинскиот глас на Албанците во парламентот, создавајќи над 25.000 слободни работни места, еднаков развој на албанските и македонските региони и одржување на младите во татковината.

извор: Makfax