Од партијата „Алијанса за Албанците“ повикаа Јавното Обвинителство и МВР, под итно да преземаат законски мерки во врска со закани кои претседателот на партијата, Зиjадин Села, ги добил на социјалните мрежи.

„Овие се кукавички закани од хулигани кои постојано упатуваат навреди кон пратеникот и претседател на Алијансата, г. Зијадин Села, потсетувајќи го за 27 април и тоа со жалење зашто не им подлегнал на раните во моментот кога сите мислеле дека е мртов. Една таква закана синоќа беше упатена од Фб профилот ‘Македонски лавови’“, стои во соопштението на партијата.

Од „Алијанса за Албанците“ велат дека вакви закани воопшто не ги плашат Села и членовите на партијата, но истите влијаат во нарушување на меѓуетничките односи, посебно кога институциите не преземаат мерки за изнаоѓање и казнување на хулиганите.

„Го потсетуваме МВР и Јавното обвинителство дека пред извесно време имаше закана кон премиерот Зоран Заев кога МВР и Обвинителството експресно ги пронајдоа сторителите кои што упатија слични закани како вчерашниот настан со Пратеникот Зијадин Села“, наедуваат од партијата и констатираат дека во овој случај тешко дека ќе бидат преземени мерки бидејќи, како што велат, обвинителството работи со двојни стандарди, едни за Албанци и други за Македонци.

На крајот од „Алијанса за Албанците“ велат дека доколку институциите навистина не преземат никакви мерки, ќе ги сметаат за соработници и наредбодавци на хулиганите кои што поттикнуваат етничка омраза.

извор: Makfax