За оние кои страдаат од  алергии,  пролетта не е толку убава слика за нив. Деновиве се повеќе се зголемува бројот на пациенти со алергии кои се жалат на тегоби на очите, носот, а некои дури имаат и астматични напади.

Лекарите велат дека секој четврти жител на Македонија има алергиски ринит. Постојат повеќе фактори за појава на алергии, но дел од нив се однесуваат на загадувањето на надворешната средина, модифицирана храна, разни пестициди кои се употребуваат, антибиотици кои се даваат на живината и добитокот, кои понатаму се наоѓаат во млекото и хранителните продукти, загадувањето.

Како што велат лекарите, алергиите се јавуваат на рано цветачки дрва, полен на бреза, јасен, бука, леска. Алергијата на полен овој период се манифестира со чешање и јадеж во очите, напади на кивање, течење на носот, а понекогаш и затнат нос. Кај оние кои имаат алергиска астма почнува да се јавува и една долготрајна кашлица.

Алерголозите велат дека најважното правило е да ги држите причинителите на алергии што подалеку од вас. Најдобриот начин да успеете во оваа намера е доколку прозорците и вратите од вашиот дом останат затворени. Но алергиите не само надвор, туку ги има и во домот.

Пробајте да си помогнете со апарат кој ќе го развлажнува воздухот во вашиот дом. Друг начин на кој можете да си помогнете во сезоната на алергии е со прочистувач на воздухот.

Тој ги отстранува прашината и останатите причинители на алергии од воздухот кој го дишете. Колку е почист воздухот, толку помалку вашето тело мора да се бори, притоа овозможувајќи ви поголем мир и удобност во вашиот нос.

Една од најдобрите нешта кои можете да ги направите за време на сезоната на алергиите е да пиете многу вода. Колку повеќе пиете вода, толку повеќе слуз може да направи вашето тело. И секако, колку повеќе слуз имате, толку сте поспособни за борење со сите оние причинители на алергии со кои секојдневно се сретнувате.

Алергичните на оваа сезона треба да внимаваат на исхраната и доколку на почетокот на сезоната ви се појави алергиска реакција, не треба да чекате, туку веднаш да посетите лекар и што побрзо да започнете со терапија, за да не дојде до некоја компликација.