Лошо одредениот тајминг (мечот се играше во 21 ч.) придонесе речиси незабележително да мине четвртиот финален натпревар од разигрувањето за титулата во кој Вардар О. заслужено го совлада Ф. Работнички (84:72), намали во скорот на освоени поени на 3-2 и ја продолжи трката за шампионскиот пехар (потребни се четири поени, н.з.). Мечот коректен, со коректно судење, без многу оган на паркетот, беше привлечен само по далечинските проектили на двете страни (вкупно 20). Вардарци постигнаа 12 тројки од кои пет беа дело на расположениот за игра Грнчаров, кој имаше добар соработник во Соколов со кого заедно забија 49 кошеви. На спротивната страна МВП играчот од Купот Тасовски стигна до 29 поени. Вардарци со вториот триумф го потврдија непишаното правило домаќините, годинава, да царуваат во сопствениот двор, во финалната серија за титулата. Почетните 8:0 на домаќините “гостите” брзо ги надоместија (8:9), во втората четвртина вардарци се наметнаа (31:19) по што “шпедитерите” прво изедначија (50:50), а потоа ја имаа и најголемата предност од 57:61. Како се ближеше крајот гледавме реприза помеѓу овие две екипи, во истата сала, од втората финална пресметка. Вардарци поактивни во одбраната, им фати шутот кога требаше, со серија од 9-0 стигнаа до 68:61 што беше вовед во заслужениот триумф. Новата пресметка помеѓу двете екипи е закажана за утре во салата во Градскиот парк, ако Ф. Работнички победи по 12. пат ќе стане сопственик на пехарот на КФМ, во спротивно, в четврток ќе следи решавачкиот натпревар во “Јане Сандански”.

ВАРДАР О.- Ф. РАБОТНИЧКИ 84:72
(во серијата подобар од седум “шпедитерите” водат со 3:2) Сала “Јане Сандански”. Гледачи 200. Судии: Златевски и Мицевски од Скопје. Резултат по четвртини: 20:19, 20:16, 20:26, 24:11. Вардар О.: Ѓуроски, Ѓорѓиевски, Соколов 24, Наумовски, Кралевски 6, Грнчаров 25, Мираковски 12, Гоцевски 10, Стојанов, Даскаловски 2, Аврамовски 5, Батук. Ф. Работнички: Стефанов, Стојановски 10, Веселиновски, Димитровски 6, Симиќ 8, Соколовски, Тасовски 29, Вегов, Ѓуров 2, Станковиќ 14, Трајковски, Самарџиев 3.


Славчо ТРОШАНОВСКИ Фото: В. Перковски