Секој се обидува за најдобро
Евровизиските подготовки се во полн ек. Мартин Вучиќ заедно со Орце од “Арија” деновиве замина во Турција, каде што ќе ја доработува песната “Ти си сон”, а неофицијално се шушка дека по враќањето тој решил да го снима својот спот со режисерот Дејан Миличевиќ.
Грчката претставничка Елена Папаризу, неодамна во рамките на својата предевровизиска турнеја ја посети Германија, а наскоро закажала средба со градоначалникот на Москва, од каде ќе патува за Андора, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Малта, Монако, Шведска, Данска, Норвешка и Украина.
Според престижниот португалски магазин “TV7 Dias” пејачката Јоана Мело ќе ја претставува оваа земја на “Евросонг” во Киев. Но, ова се уште не е официјално потврдено. Оваа Шпанка стана славна во Португалија по нејзиното учество во португалската верзија на “Приказни на славните”. Националната телевизија на оваа земја ги покани и Јосе да Понте, Алејандре Хонрадо и Ернесто Алвес да компонираат песни за “Евросонг”. Минатата година нивната претставничка Софија испеа прекрасна песна – “Магија”, но не успеа да постигне некој подобар пласман.
Анжелика Агурбах, пејачка и актерка која има освоено титули “Мисс Белорусија”, “Мис СССР Фото”, и “Мис Русија- 2002”, позната и како вокал на легендарната група “Вераси” ќе ја претставува Белорусија. Но, таа во својата земја иако победи со песната “Boys and girl” постои можност да изведува друга песна со наслов “Love me tonight”, која ја направија Никос Терзис и Нектариос Тиракис, тандемот кој минатата година беа автори на “Shake it” за Сакис Рувас, а Никос претходно како композитор на Евросонг учествуваше со песната “Die for you”( 2001) и “Poia prosefhi” (1995). Но, исто така, не се знае точно дали Анжелика ќе ја пее оваа песна или песната “Show me your love, honey”, напишана од Израелецот Звика Пик. Значи, сите земји сериозно си ја сфатиле работата и се обидуваат да настапат со што подобар хит и да освојат што подобар пласман. Белорусија, како и ние, е во годинешното полуфинале, во кое уште се и Андора, Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Данска, Естонија, Финска, Унгарија, Ирска, Израел, Латвија, Либан, Литванија, Монако, Молдавија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словенија, Швајцарија, (Ва.Ѓ.)