Тројца осомничени терористи се убиени, а за двајца се верува дека биле принудени да се повлечат по престрелката меѓу милитантите и индиските безбедносни сили во округот Кулгам во Џаму и Кашмир, пренесува „Спутник“. Ова е втора голема престрелка меѓу безбедносните сили и терористи од неделата, во кои беа неутрализирани вкупно седум осомничени терористи.

Во неделата вечерта, четворица терористи биле убиени од индиските безбедносни сили. Според официјалните лица, тоа била четврта престрелка во областа за период од една недела.

Според полицијата, вооружениот напад се случил за време на нивните операции за опколување и пребарување (CASO) во областа Долна Мунда во Казигунд, во округот Кулгам, кој е оддалечен околу 70 километри од Сринагар, летниот главен град на Џаму и Кашмир.

Генералниот директор на Централната резервна полиција во Индија (CRPF), АП Махешвари, неодамна потврди дека е забележан пад во терористичката активност во време на режим на ограничено движење поради падемијата со Ковид-19.

„Постојат неколку ‘џебови’ во кои терористите се засолнуваат. Ние континуирано спроведуваме операции за опколување и пребарување за да ги уапсиме“, рече Махешвари.

Во 2020 година најмалку 76 терористи се убиени во повеќе од 40 инциденти поврзани со тероризам во долината, покажуваат официјалните податоци на полицијата во Jаму и Кашмир.

извор: Makfax