Невработеност и сиромаштија, трговски дефицит, низок економски раст, административни бариери и корупција се клучните тешкотии со кои се соочува Македонија според експертите од Американската агенција за меѓународен развој. Тие неодамна направија проценка за деловното опкружување во Македонија, а во својот извештај ги нотираа и препораките за подобрување на бизнис-климата во земјава во наредните пет години.
Препораките на УСАИД се фокусирани во седум таканаречени столбови.
Првиот е градење партнерство меѓу Владата и бизнис заедницата преку креирање Интегрирани економски стратегии. Акцентот се става на јакнење на Националниот совет за претприемништво и проширување на неговиот надлежности. Вториот сегмент на кој треба да работи Македонија се јавните капитални инвестиции и децентрализацијата.Јавните трошења во Македонија според БДП се на релативно пониско ниво отколку во земјите на ЕУ, а капиталните инвестиции се долг период на многу ниско ниво. Ваквите услови предизвикуваат негативен ефект врз квалитетот на живеење на популацијата, оценува Американската агенција. Оттаму проценуваат дека ваквата состојба не се должи на недостиг од пари, туку првенствено од лошо менаџирање и неквалитетни програми за инвестирање.
Третиот столб, каде според Американската агенција треба да се интервенира, е пазарот на работна сила каде што реформите се веќе почнати. Во делот на надворешно трговска размена каде со години се креира огромен дефицит на наша страна, УСАИД препорачува Владата да ги олесни административните процедури со што би се забрзал протокот на стоки и услуги преку границите и би се намалило времето на чекањето на премините. Петтиот сегмент се однесува на реформите во пензискиот систем што треба да се спроведуваат во наредните години, а шестиот е за воведување добро корпоративно управување. Треба да се создадат услови на доверба, конкурентни компании и добра клима за инвестирање. Сегашните услови, како што се вели во извештајот, се сосема спротивни на посакуваните. Последниот сегмент каде што треба да се интервенира за да се подобри деловното опкружување е зајакнување на небанкарските финансиски институции.


Весна М.БОЖИНОВСКА