Електронски сервиси за граѓаните, создавање електронска здравствена картичка и воспоставување систем за електронска лична карта, создавање дигитален интегриран катастар на Македонија, поголем број интеренет корисници, развој на систем за учење на далечина, развој на дигитални библиотеки во образованието, науката и културата, како и дигитализација на културното, историското и археолошкото наследство, се дел од целите на Националната стратегија за информатичко општество, која минатата недела ја усвои Парламентот. Стратегијата што се подготвуваше една година, се базира на седум столбови во развојот на информатичкото општество – инфраструктура, е-бизнис, е-Влада, е-образование, е-здравство, е-граѓани и легислатива.
Според оценката на Комисијата за информатичко општество, Националната стратегија треба да овозможи побрз развој на економијата и отворање на нови работни места. Во насока на тоа е претстојната Конференција “е-Македонија 2005” со наслов “За пораст и нови вработувања” што под покровителство на шефот на државата, Бранко Црвенковски, ќе се одржи утре во Скопје. (С. Бл.)