Правилникот за времетраењето на боледувањата што се подготвува нема за цел да го скуси времетраењето на платеното отстуство од работа поради болест, туку да ги спречи злоупотребите со кои се “боледува” на неодредено време. Така за грип и други вирусни инфекции без никаво дополнително објаснување од лекарот на осигуренците ќе им следуваат седум дена, односно исто онолку колку што им се одобрува и сега. При фрактура во рамениот дел се предлага да се одобрува 30 дена по вадењето на гипсот плус можноста за нови два месеца при потреба од продолжено лекување и рехабилитација. За пациентите кои заболеле од бруцелоза, боледувањето се позиционира на 30 денови, додека, пак, по операција на синусите платеното отсуство би изнесувало две недели со дополнителна можност лекарот да ги продолжи во зависност од потребата. Толку се предлага да трае и боледувањето по отстранувањето на полипи од гласните жици, со тоа што при оваа дијагноза на осигуреникот ќе му следува уште едена недела ако условите за работа го наложуваат тоа. За мигрените отсуството од работа ќе го определуваат самите лекари, боледувањата при инфекциите со кламидии ќе треба да се затворат по едномесечно лекување, за дизентерија ќе следуваат 14 денови, додека по класични хируршки интервенции на хернии и четири недели по операцијата…. Со инсталирањето на ваквата “шема” со ништо не се задира во правото на лекарите сами и во зависност од состојбата на пацинетот да вршат проценка колку некому ќе одобрат боледување, туку се воведува систем кој би ги намалил злоупотребите. Вакви правилници, според експертите кои работат на нивното изготвување, има во голем број европски држави, а најблизок по многу нешта ни е хрватскиот рецепт, секако адаптиран на наши услови. Тие велат дека времетраењето на боледувањата (до 60 денови се на товар на работодавецот, над 60 денови ги алиментира Фондот) нема да биде дадена константа во Правилникот кој се пакува по дијагнози, но причините за нивното продолжување ќе треба да се образложи. Во моментов е изготвена само работна верзија која допрва ќе треба стручно да се “пегла”. Воведувањето на ваквите новини би уследило по измените во Законот за здравствено осигурување, а во целата постапка ќе бидат вклучени и стручни лица со оглед дека времетраењето на боледувањето не би требало да биде исто во случаите кога, на пример, имаме класична и лапороскопска операција на жолчката.


Ристе НЕДАНОВСКИ