“Седумцкрвие” е наслов на новиот роман од чешкиот писател Милош Урбан во издание на “Антолог” од Скопје. Преводот на овој готски трилер посветен на Прага на македонски е на Драган Георгиевски.

“Седумцрквие” е мрачен трилер за Кветослав Швах и за тоа како тој е поврзан со убиствата во седум катедрали во Прага.

Над Прага се спушта сенката на есента, додека по таен принцип почнуваат да умираат луѓе. Одговорноста паѓа врз невиниот човек без работа и без иднина, само со способност што не знае да ја материјализира и со љубов кон градот што му умира пред очите. Над оваа серија од седум цркви и ужасни убиства пливаат низа прашања. Кој е убиецот, а кој жртвата? Кој е виновен, а кој затворил очи?…

Со оваа книга, преведена на десет јазици, Урбан се прославил како “црниот витез на чешката литература”, а самата книга од критиката била прогласена за “ремек-дело на модерната готика”.