Британскиот суд закажа за 4 јануари донесување одлука за американското барање за екстрадиција на Асанж. САД сакаат да му судат поради објавување стотици илјади доверливи документи. Додека ја чека судската одлука, основачот на Викиликс е затворен во лондонскиот затвор Белмарш, каде, според известувачот на ООН за тортура, Нилс Мелцер, условите се многу лоши.

Мелцер нагласи дека го посетил Асанж во затворот заедно со двајца независни доктори и потврди дека неговото здравје е толку влошено, што животот му е во опасност.

Нилс Мелцер денеска испрати отворено писмо до американскиот претседател Доналд Трамп и го замоли да го помилува основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, бидејќи тој не е „непријател на американскиот народ”.

– Ве молам ослободете го Асанж, бидејќи тој не е и никогаш не бил непријател на американскиот народ. Неговата организација Викиликс се бори против тајноста и корупцијата низ целиот свет и на тој начин  дејствува во јавниот интерес и на американскиот народ и на целото човештво, напиша Мелцер.

– Со помилување на Асанж, господине Претседател, ќе испратите јасна порака за правда, вистина и хуманост до американскиот народ и целиот свет. Вие ќе рехабилитирате еден храбар човек кој бил подложен на неправда, прогон и понижување повеќе од една деценија, само затоа што ја кажал вистината, наведува тој во писмото.

Неодамна помилувањето на Асанж беше најавено и од советникот на Доналд Трамп, пасторот Марк Брнс, но само по два часа тој самиот себе се демантира