Се наоѓаме во најдобриот момент од 1995, а еден чесен и функционален договор може само корист да им донесе на народите на двете земји, вели во интервју за МИА, Никос Ксидакис, пратеник и портпарол на пратеничката група на владејачката Сириза.

Како поранешен алтернативен министер за надворешни работи Ксидакис добро го знае проблемот меѓу двете земји и коментира дека прозорецот на можност за решение и понатаму е отворен и треба да остане така се додека не се постигне заемно прифатлив договор.

Ксидакис вели дека е пооптимист во споредба со она што бил пред 15 или 20 години, и изразува убеденост дека евентуалниот договор ќе помине во грчкиот парламент и покрај несогласувањето на коалициониот партнер во владата, Панос Каменос.

На 25 април пак во Виена ќе се одржи нова средба меѓу шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц.