Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерката за јавна администрација на Црна Гора, Сузана Прибиловиќ, денеска потпишаа Спогодба за заедничко признавање на квалификувани доверливи услуги и на шемите за електронска идентификација.

Оваа Спогодба ќе придонесе да се зголеми соработката и развојот на економските активности помеѓу двете држави и да се забрза процесот на дигитална трансформација.

„Со потпишување на оваа спогодба, Северна Македонија и Црна Гора, како дел од Берлинскиот процес и Акцискиот план за регионален економски развој во Западен Балкан, покажуваат дека сакаат и можат да работат заедно, односно дека се подготвени да ги совладаме бариерите помеѓу државите во регинот, а потоа и со ЕУ“, рече Манчевски.

Тој истакна ова значи дека електронските документи издадени од институциите во Северна Македонија, како што се Централен регистар, Царина, Управа за водење матични книги, ќе бидат подеднакво признаени и во Црна Гора. Истото, ќе важи и за документите извадени по електронски пат во Црна Гора. На овој начин, за граѓаните од двете земји ќе се намалат административните процедури и времето потребно за издвање на овие документи“.

Оваа Спогодба има директно влијание и врз компетентноста на домашните правни лица кои вршат дејност од областа на доверливите услуги, односно со истата се овозможува овие фирми да станат фирми од доверба и конкурентни и на пазарот во Црна Гора.

извор: Makfax