Опозициската СДСМ преку конвенција во Куманово што ќе се одржи во недела ќе ги повика граѓаните да им се придружат во бојкотот на локалните избори, и да не гласаат на 24 март, најави Игор Ивановски од СДСМ.

Според него, на 24 март 2013 година, сите граѓани ќе бидат исправени пред досега најважниот личен, демократски предизвик, со својот избор да не учествуваат на вакви локални избори, всушност да го дадат својот конкретен влог за иднината на државата.

Убедени сме дека граѓаните ќе препознаат дека ова е единствената можност за обнова на демократијата, слободата и правдата во Република Македонија и масовно ќе му се приклучат на ова движење”, рече Ивановски.

Од опозициониот фронт најавија дека на денот на одржување на локалните избори ќе ги вратат пратеничките мандати во Собранието. Во меѓувреме, се огласи и самиот Црвенковски кој соопшти дека се откажал од претседателската пензија која и ја подарил на СДСМ.

Бонева бара јавно извинување од СДСМ

Доколку во рок од 48 часа јавно не се извини, пратеничката Силвана Бонева ќе ја тужи младата социјалдемократка Ивана Спасовска, за како што вели, клеветите кои ги изнесла за време на протестот на СДСМ пред Антикорупциска комисија.
Пратеничката Бонева објасни дека во анкетните листови кои се доставуваат до антикорупциска јасно стои дека нејзиниот имот е наследство од сопругот, кој истиот го стекнал во оставинска постапка од неговите покојни родители.

“Имотот кој беше посочен дека сум го стекнала на коруптивен и криминален начин, злоупотребувајќи ги парите на граѓаните, е со цел да се создаде револт на граѓаните кон мене. Целиот мој имот е наведен и образложен во анкетниот лист, кој е на увид на целата јавност. Имено, тој имот е наследство на мојот сопруг од неговите покојни родители” – појасни Бонева.
Бонева потенцираше дека цел живот чесно работела и поради тоа, како што рече не дозволува некој да изнесува невистини за неа и за нејзиниот имот.