Владејачката СДСМ ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Монструм“ дека премиерот Зоран Заев ги криел информациите со кого од неговата канцеларија контактирале убијците.

„ВМРО-ДПМНЕ како власт 11 години се изживуваше со граѓаните и нивните судбини, судството го држеше во заложништо и ја попречуваше правдата, а денеска како опозиција продолжува со ниското ниво и злоупотребата на човечки трагедии. За ВМРО-ДПМНЕ е несфатливо дека времето кога премиерот беше и судија, обвинител и истражител заврши со заминувањето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од власт и затоа денес опозициската партија продолжува очајнички да манипулира и да си поигрува со чувствата на граѓаните“ се наведува во соопштението од СДСМ.

За случајот „Монструм“ како и за останатите судски процеси, велат од СДСМ, надлежни се единствено правосудните органи во Република Македонија.

„Сите материјали коишто СДСМ ги поседуваше, а кои произлегуваа од незаконското прислушување што со години го правеше минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се предадени на Специјалното јавно обвинителство“ се додава во соопштението.

Од владејачката партија порачаа наместо да се обидува да профитира од трагедии, ВМРО-ДПМНЕ  да ги остави надлежните органи целосно и до крај да го расветлат овој случај и сите оние кои биле вмешани во него, да се соочат со одговорност согласно законите.

извор: Makfax