Владејачката СДСМ реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека фирмата „Тотал инжинеринг“ во сопственост на Вице Заев, добила концесија за експлоатација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево. Од СДСМ велат дека првиот договор фирмата „Тотал Инженеринг“ ДООЕЛ Струмица со Владата на Република Македонија го потпишала во 2015 година, во времето кога премиер на владата беше Никола Груевски.

„Тој договор бил за истражување на минерална суровина – глина, во с. Дукатино“, Општина Василево. Следствено на постапката за доделување концесии за експлоатација на минерални суровини, која се практикува со сите концесионери, Владата на Република Македонија, на 65 седница одржана на 24.04.2018, по претходно утврдена постапка во која се запазени сите законски и правни регулативи и се добиени позитивни мислења од сите надлежни институции, ја усвои одлуката да се додели концесија и за експлоатација на минерална суровина – глина на фирмата ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Струмица на локалитетот “с. Дукатино“, Општина Василево“ велат од СДСМ.

Од владејачката партија објаснуваат дека Владата на Република Македонија ја донела одлуката по претходна постапка, во која, како што велат, се исполнети сите правни предуслови за позитивен одговор во однос на добивање на концесијата.

„Позитивно мислење е добиено од сите надлежни институции и тоа: Министерство за транспорт и врски, Министерство за култура, Општина Василево, Управа за заштита на културно наследство, Министерство за финансии и Министерство за животна средина. По завршување на претходната постапка, Министерство за економија ја ставило одлуката на дневен ред и истата е усвоена. Записникот од 65 седница ќе биде јавно објавен во согласност со вообичаената пракса и процедура после неговото усвојување на некоја од наредните седници на влада“ се наведува во соопштението на СДСМ.

Објавувањето на одлуката во службен весник, велат од СДСМ, е исто така вообичаена пракса и процедура независно од постапката за објавување на сублимарниот записник од владините седници.

извор: Makfax